Седумнаесетгодишна девојка е тешко повредена откако возилото во кое патувала удрило во коњ и излетало од регионалниот пат А3 Битола-Прилеп. Сообраќајката се случила вчеравечер во 22.18 часот во близина на тунелот од обиколницата над Битола, во непосредна близина на ромската населба.
Според СВР, патничко возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Н. П.(41) од Демир Хисар, во кое била 17-годишната сопатничка, удрило во коњ и излетало од коловозот. Во несреќата тешки телесни повреди добила 17-годишна сопатничка, а повредена е и 65-годишната М. П., и двете од Демир Хисар. Обете биле пренесени во Клиничката болница во Витола каде добиле соодветна лекарска помош. Увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Битола.
На обиколницата над Битола, иако е регионален пат, можат да се затекнат како шетаат коњи кои ги одгледуваат жители од населбата во близина. Коњи, кози, овци и други домашни животни како пасат пуштени слободно има и низ други делови од градот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА