На просторот спроти зградата на поранешна Нова Македонија ќе се гради деловен објект наместо хотел и станбена зграда. Општина Центар го прифатила барањето на бизнисменот Фатмир Етеми за спојување на двете градежни парцели во една и пренамена во деловни и комерцијални дејности. Етеми е сопственик на двете градежни парцели откако прво ги откупи приватните имоти, а потоа во постапка за приватизација од Министерството за финансии го купи и државното земјиште по цена од 7 евра за квадрат.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека е прифатено барањето на инвеститорот бидејќи ако се гради во висина ќе се овозможи површина за повеќе зеленило.
„Во февруари во Општината е доставена иницијатива за измена на Деталниот план односно спојување на овие две парцели од кои едната е со намена Б5-хотелски комплекс, а другата е А2-домување во станбени згради. Со иницијативата побарано е да истите се спојат во намена Б4-деловни и комерцијални дејности. Ние знаеме дека во таа близина ќе се прави и кружниот тек и булеварот којшто е предвиден со новиот ГУП. Иницијативата е разгледана од Комисијата за урбанизам и истата се прифаќа поради тоа што подобро е на таа парцела да има една маркица којашто ќе оди како деловна комерцијална дејност. Во самата близина имаме и хотелски комплекс, тука се зградите на ‘Лимак‘. Следен чекор е изготвување на одобрување на планска програма којашто ќе следи понатаму. Ние тоа ќе го следиме, како тоа ќе тече и ќе видиме што ќе добиеме како сугестија и од Антикорупциската комисија и ќе видиме како ќе постапуваме понатаму по овој предмет“, изјави Герасимовски.
Колкава ќе биде висината и површината за градба на деловниот објект Герасимовски кажа дека дополнително ќе се одлучува. Со сегашниот план за двете згради дозволената висина е приземје плус 6 ката плус поткровје. Станува збор за две градежни парцели, а тоа е ГП 37,3 со 1.038 метри квадрати и површина на градба од 750 метри квадратни и ГП 37,2 со 832 метри квадратни и површина на градба од 630 метри квадратни.
А. АНТЕВСКА