Поради недостиг на растителното масло за јадење во продавниците, штипјани почнаа масовно да купуваат свинска сланина од која топат маст, а добиваат и џимиринки. Месарите велат дека има двојно зголемување на потрошувачката на сланина за разлика од порано.
„Еден килкограм готова маст кај нас се продава за 80 денари. Еден килограм сланина има цена од 100 денари, дури е поефтина и од зејтинот чија цена е над 100 денари. Од сланината со пржење се добиваат и џимиринки како еден вид преработка од месо и маст, која што домаќинствата ја употребуваат како замена на зејтинот во подготвувањето на голем број преработени јадења“, вели Петре Димитриев, продавач во една од најфреквентните месарници кај градскиот пазар во Штип.
Според месарите, зголемена пиотрошувачка има и во ова време иако е период на големите велигденски пости. Зголемена потрошувачка на свинска сланина има во сите штипски месарници. Велат дека се случува да вршат нарачки и по двапати во неделата за да ја задоволат побарувачката.
Во маркетите во Штип неколку недели има денови кога нема зејтин. Компанијата „Витаминка“ која стопанисува со фабриката за маслото за јадење „Брилијант“ во Штип, најавува дека масло има и дека производството непречено се одвива, а недостигот што се јавил е вештачки поради трупањето залихи во домаќинствата поради кризата во Украина.
Од вчера, лебот, шеќерот, белото брашно, маслото за јадење, јајцата и оризот, се ослободени од данок на додадена вредност (ДДВ), откако во петокот на полноќ Собранието ги донесе донесоа измените на Законот за додадена вредност и Законот за акцизите.
Се смета дека во Македонија годишно се трошат 2-3 милиони литри зејтин, но и милиони килограми сланина за преработка на свинска маст чија потрошувачка посебно се зголемува в зима. Поради воената агресија на Русија врз Украина, место од овие две земји кои досега беа најголеми добавувачи на репроматеријали за масло за јадење, македонските производители се насочија кон Србија и Бугарија кои исто така се главни снабдувачи со суровини на сончогледово масло, но и на свинско месо и неговите преработки, џимиринки и маст.
На 10 март Владата го ограничи извозот на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе на сончоглед, како и масла од семе од сончоглед, како превентива за да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните.
Т. ЈОВАНОВСКИ