Книгата „Во главата пишувам расказ“, што заеднички ја создадоа Елизабета Баковска и Сашо Димоски, ќе биде промовирана утре во Културно-информативниот центар во Скопје, со почеток во 20 часот. Станува збор за фото-книга, во која се споени десетици лирски прозни минијатури на Баковска и повеќе од 100 фотографии на Димоски. Баковска ги објавуваше овие раскази на Фејсбук во 2018.
Истовремено ќе биде отворена изложбата на фотографски портрети на Димоски, насловена „12+1“.
Промотори на книгата ќе бидат писателката Оливера Ќорвезироска и историчарот на уметноста Владимир Јанчевски.
„‘Во главата пишувам расказ‘ е прозен, лирски, животен сендвич од деца и возрасни, книга за родители и за нивните деца кои станале родители, за мајка и ќерка која станала мајка. Книга за последните денови од животот и за првите денови на смртта; за краткиот период во нашите животи кога истовремено ги играме двете улоги: дете и родител“, вели Ќорвезироска во предговорот на книгата.