Фирма за монтажа и сервисирање на лифтови од Битола со непостоечки сертификати за квалитет, по околу 90-тина добиени тендери во јавни институции, фатена е со фалсификувани документи. Според она што органите на прогонот го собираат како информација, по објавувањето на веста од Антикорупциската комисија, нема пријавено несреќи, повредени или загинати лица пријавени по монтажа на лифтови од оваа позната фирма.
Битолската фирма со фалсификувани документи и сертификат за ИСО-стандарди, конкурирала и добила над 90 тендери претежно од јавни институции, во периодот од 2018 до 2022 година. Како што ја пренесува МИА изјавата на Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оттаму ќе биде поднесена кривична пријава против фирмата до ОЈО Скопје, а до Владата предупредување за да ги извести сите надлежни органи во постапките за лифтови, кајшто монтер и одржувач е таа фирма.
Оваа фирма (газда, мајка) има уште со две други фирми од Скопје, кои работат на монтажа и сервисирање, сопственикот им е заеднички.
Георгиев кажа како е откриен случајот од страна на комисијата за јавни набавки во Градската општа болница (ГОБ) 8 Септември. Комисијата пријавила сомневање за користење фалсификувани ИСО сертификати од стана на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, со цел да добие тендер во Болницата.
Софка Пејовска-Дојчиновска, член на ДКСК, пак, се сомнева дека овие три фирми работеле не само кај државни институции, туку и во станбени згради.
Георгиев, вели МИА, појасни дека Градската Општа болница објавила тендер, а Комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО-сертификатите кај самиот издавач на сертификатите – фирма од Хрватска, од каде добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а битолската фирма со измислен сертификат вложила жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки. Жалбата од овој првостепен орган била одбиена како неоснована.
Георгиев контактирал со директорот на хрватската фирма овластена за сертификати, од каде било потврдено дека сите ИСО-сертификати кои биле користени при учеството на тендерот објавен од Општата Градска болница, се фалсификувани.
С. К. ДЕЛЕВСКА