СТРАНСКИ КОМПАНИИ КОИ САКАЛЕ ДА ИНВЕСТИРААТ ВО РУСИЈА СЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ВЛОЖУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА

    СТРАНСКИ КОМПАНИИ КОИ САКАЛЕ ДА ИНВЕСТИРААТ ВО РУСИЈА СЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ВЛОЖУВАЊЕ ВО МАКЕДОНИЈАВо ТИРЗ велат дека иако овие инвестиции не се за радување поради околностите, сепак имаат информации од сопствениците дека тие мошне добро го проучиле пазарот на трудот во Македонија. (Фото: ТИРЗ)

    Две од компаниите кои работат истовремено во Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) во Македонија, како и во Украина, најверојатно ќе се спојат овде, поради воената криза таму. Тие пристапиле овде уште пред две недели, со барање ТИРЗ да им овозможи во рамки на компаниите, да го пренесат бизнисот и капиталот целосно или делумно во Македонија.

    Со оглед на барањата, најден е простор во зоната, бидејќи дел од постојните капацитети може да се стават на располагање.

    Во седиштето на ТИРЗ не сакаат да ги именуваат двете компании, даваат само општи податоци. Едната има 2.000 вработени, во Украина ја работи истата дејност како овде и приближно има толку вработени. Другата е со 1.100 вработени во Украина. Ако дојде до селење во Македонија, ќе треба оттука да се наоѓаат вработени.

    Во ТИРЗ велат дека иако овие инвестиции не се за радување поради околностите, сепак имаат информации од сопствениците дека тие мошне добро го проучиле пазарот на трудот во Македонија.

    „Не е ова за радување, но ќе излеземе во пресрет да помогнеме, тоа се наши добри клиенти. Се забележува заинтересираност од клиенти кои сакале да вложуваат во Украина, но сега се пренасочуваат. Инвеститори што сакале да инвестираат во Русија, по воената криза и особено санкциите под кои се најде државата, се интересираат исто така за вложување во Република Северна Македонија“, рекоа утринава на брифингот во ТИРЗ.

    Од најавени инвестиции, американска компанија сака да инвестира во регионот над 150 милиони евра. Неофицијално, од Албанија, Црна Гора, Србија и Македонија, услови за потребите на овие инвеститор исполнуваат Македонија и Србија, која практично ни е главниот конкурент. Тие доаѓаат во април. Засега се кажува само дејноста, односно дека компанијата се бави со технологија.

    Последната недела од март, пак, ќе биде промовирана голема германска инвестиција, но и за тоа ништо не се открива од ТИРЗ.

    Државната помош за компаниите во Зоната продолжува и оваа година, за што во Буџетот се наменети 720 милиони денари. Лани 20 милиони евра државна помош им била исплатена на компаниите од Зоната. Минатата година овие компании искористиле и 108 милиони денари царинска помош.

    За само два месеца од годинава, пресметан е пораст на извозот и на увозот од компаниите во ТИРЗ, во однос на истиот период лани. Има и зголемување во февруари, во однос на јануари годинава. За првпат извозот надминал сума од три милијарди евра.

    Ако се задржат овие трендови, до крајот на годината извозот ќе надмине три милијарди, смета директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски.

    Увозот, вели тој, е зголемен паралелно, но добар дел е за машини и технологија.

    Бројката на вработени во Зоните пораснала на 14.500 и иако проценките се внимателни, се очекува бројот уште да расте годинава. Реално е да се очекува дека платите ќе го претркаат просекот во Македонија, велат во ТИРЗ.

    Во моментов се гради Скопје 3 зона за висока технологија, а во Гевгелија зелена зона, со јавно приватно партнерство, а за која има повеќе заинтересирани странски вложувачи. Зоните во Штип и Струга инфраструктурно се опремуваат со милионски суми денари за патна инфраструктура, канализација и друго.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира