Украинскиот претседател Володимир Зеленски потсети на Перл Харбор и 11 септември во своето второ видеообраќање до американскиот Конгрес, барајќи од него поголема помош во војната против Русија.
„Потребни сте ни веднаш. Ве повикувам да сторите повеќе“, кажа Зеленски, кој доби стоечки овации пред почетокот на говорот.
Тој уште еднаш го повтори барањето да се воведе забрана за летање над Украина и „да се спречи теророт на Русија од воздух“.
„Дали бараме многу? Ако е многу, дајте ни системи за одбрана од воздушни напади, дајте ни авиони да ја браниме слободата. Украина е благодарна за досегашната американска помош, но ни треба уште оружје и уште санкции против Русија за да се запре руската воена машинерија“, кажа Зеленски и побара од сите американски компании да го напуштат рускиот пазар.
Тој кажа дека Украина во ниеден момент не помислила да се предаде и дека неговиот народ се бори за вредностите на Европа и светот.
„Не ја гледам смислата на животот ако не можам да спречам смрт на уште украински деца. Претседателе Бајден, вие сте лидер на вашата нација. Се надевам дека ќе бидете лидер на светот, а тоа значи лидер на мирот“, заврши Зеленски.