Владимир Путин им се закани на Русите кои не го поддржуваат во своето последно телевизиско обраќање, додека Киев и Москва изразуваат оптимизам во последните мировни разговори.
„Русите секогаш ќе бидат способни да ги разликуваат вистинските патриоти од ѓубрето и предавниците и едноставно ќе ги исплукаат како бубачка која случајно им влетала во устата. Убеден сум дека такво природно и неопходно самопрочистување на општеството уште повеќе ќе ја зацврсти нашата држава“, кажа Путин.
Тој го обвини западот дека ја користи „петтата колона“ од Руси предавници за да предизвика граѓански немири.
„Тоа има само една цел за која веќе зборев – уништување на Русија“, кажа Путин.
Рускиот претседател дополнително го зацврсти своето авторитарно владеење од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари, при што беа затворени бројни независни медиуми и беа уапсени илјадници луѓе на антивоените протести низ земјата. Парламентот исто така донесе закон кој предвидува затворски казни до 15 години за ширење „лажни вести“ за руската воена операција.