ИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН БАРА ДА СЕ ОДЗЕМАТ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОПШТИНА СВЕТИ НИКОЛЕ ЗА ИЗГРАДБА НА РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА ЗАШТО Е ПРОТИВ ПРОЕКТОТ

    ИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН БАРА ДА СЕ ОДЗЕМАТ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОПШТИНА СВЕТИ НИКОЛЕ ЗА ИЗГРАДБА НА РЕГИОНАЛНА ДЕПОНИЈА ЗАШТО Е ПРОТИВ ПРОЕКТОТОколу селото Мечкуевци и браната „Мавровица“ крај патот кон Пробиштип и сега има неколку диви депонии, а жителите и локалното раководството не сакаат изградба на погони за рециклажа на ѓубрето од регионот. (Фото: СДК.МК)

    Раководството на Источниот Плански Регион (ИПР) ќе бара од Министерството за животна средина да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Свети Николе за регионалната депонија која со европски пари треба да се гради во атарот на селото Мечкуевци, откако деновиве општинскиот Совет донел одлука депонијата да се дислоцира од планираната територија на Општината.

    „Проектот кој тежи околу 45 милиони евра веќе е започнат, европските пари почнаа да се трошат, набавени се камиони и контејнери за смет во повеќе општини и проектот мора да се реализира, па затоа се одлучивме на еден ваков чекор за одземање на ингеренциите што треба само и да се официјализира“, рече претседателот на ИПР Иван Јорданов.

    Според проектот, регионалната депонија треба да биде во функција на околу 400.000 жители од овие региони, а би имала капацитети за селектирање и преработка на речиси 1.000 тони отпад. Посебни погони по европски стандарди ќе рециклираат метален отпад, потоа од хартија, пластика, стакло, како и на градинарски отпад.

    Неговото мислење го делат сите 17 Општини од Источниот и Североисточниот Плански Регион за кои се однесува депонијата, но единствен противник е само Општина Свети Николе на чија територија треба да се изгради. Градоначалникот Дејан Владев вели дека нема да учествува во донесувањето на каква било одлука за регионалната депонија по цена и да му бидат одземени ингеренциите, па дури и дека заедно со Советот на Општината ако е потребно ќе организираат и референдум.

    Ѓубрето сега скапува во диви депонии во близина на акумулацијата „Мавровица“ и близу селото Мечкуевци покрај патот што води кон Пробиштип, така што ако се изгради еколошки капацитет за рециклирање на отпадот корист ќе имаат сите општини, па и Свети Николе.

    Претходната локална власт во Свети Николе речиси дојде до финализација на проектот па во рамките на Советот на Општината почна да се избира Управен одбор и останатите органи и тела на Јавното претпријатие кое ќе стопанисува со рециклажата на регионалната депонија.

    Проектот започна пред 13 години, кога ЕУ одлучи неповратно да финансира Регионална депонија и кога се очекуваше да бидат избрани органите и телата на ЈП што е и услов за распшување на меѓународен тендер, нo до тоа не дојде затоа што новото локално раководство на Свети Николе изрази јавен револт дека не се согласува со проектот. Тие најголема поддршка имаат од самите жители на селото Мечкуевци, кои сметаат дека со овој проект ќе биде загадено ова чисто земјоделско земјиште и самите населени места.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира