Инспекторатот на Општина Тетово даде отчет за сработеното пред советниците и ова е првпат заедно да бидат повикани сите инспектори и нивните раководители. Инспекторите се жалат дека имаат лоши услови за работа, но се жалат и граѓаните дека инспекциските служби слабо си ја вршат работата.
„Во овој момент, во Општинскиот инспекторат имаме само 60% од потребниот кадар. Имаме три главни сектори, но во нив спаѓаат и други инспекциски сектори зашто имаме многу стара систематизација, која ќе треба брзо да ја менуваме. Сега во многу сектори имаме многу недостатоци. На пример, во секторот комунални дејности ни требаат најмалку пет инспектори, а сега ги имаме двајца, исто е и во секторот градежништво. Во некои сектори, како тој за угостителски дејности, имаме само еден инспектор, а за домување ниеден. На Општината и недостасуваат најмалку 15 инспектори. До неодамна, нашите служби немаа ниедно службено возило и дури неодамна добивме две“, изјави Абдулгани Алии, в. д. раководител на Општинскиот инспекторат.
Но, дел од советниците не беа задоволни од извештајот за работата на Инспекторатот што им беше поднесен. Тие посочија повеќе проблеми со кои со соочува општината, а кои се во надлежност на Инспекторатот. Се пожалија дека службениот телефон на кој граѓаните можат да пријават неправилности и загадување на животната средина не работи, укажаа на повеќе диви депонии и на дивоградбите, посебно тие на Попова Шапка.
Раководителите на инспекциските сектори побараа помош и од централните институции. Така неодамна, тие ги тргнаа продавачите на земјоделски производи кои продаваа на тротоарот пред зелениот пазар, но останаа препродавачите на цигари, за кои велат дека не можат да ги отстранат без асистенција на полицијата.
З. АНДОНОВ