Русија се обидува да ја подели Украина на два дела откако не успеа да ја освои целата земја, изјави шефот на украинското разузнавање Кирило Буданов. Според него, Русија сака да создаде регион контролиран од Москва.
„Русија сака да креира Северна и Јужна Кореја во Украина“, изјави Буданов.
Тој најави дека Украина ќе почне со герилски стил на војување на териториите окупирани од Русија за да се спречи распарчување на земјата.
Иако инвазијата влезе во вториот месец, Русија досега нема освоено ниеден поголем град во Украина и Москва во петокот навести намалување на амбициите и фокусирање кон „целосното ослободување на регионот Донбас“.
„Украинската војска ќе ги потисне руските сили. Покрај тоа, наскоро ќе почне сезоната на тотална украинска герила. Потоа ќе има само едно релевантно сценарио за Русите, како да преживеат“, кажа Буданов.