Пет луѓе се убиени на периферијата на Тел Авив, што е трет смртоносен напад во Израел за една недела. Тој се случи во Бнеи Брак, една од најнаселените населби со ултраортодоксни Евреи во земјата. Напаѓачот бил убиен од полицијата.
Во претходните напади, кои се случија минатата недела, загинаа вкупно шест луѓе.
Жителите на Бнеи Брак кажаа дека еден маж се возел наоколу и одблиску пукал во случајните минувачи. Израелските медиуми објавија дека напаѓачот бил 27-годишен Палестинец од село од северот на окупираниот Западен Брег.
„Израел се соочува со бран на убиствен арапски тероризам. Ќе се бориме против теророт со истрајност, тврдоглавост и со железна тупаница“, изјави премиерот Нафтали Бенет.
Минатиот вторник, израелски Арап кој сакал да се придружи на Исламска држава уби три лица во Бершева, а во неделата, двајца израелски Арапи отворија оган на автобуска станица во Хадера, при што убија двајца 19-годишни полицајци. Сите тројца напаѓачи потоа беа убиени.