СЕКОЕ ДЕТЕ ТРЕБА ДА ЈА ЗНАЕ ОЛИВЕРА НИКОЛОВА УШТЕ ПРЕД ДА ПОЧНЕ ДА ЧИТА, КАЖАА НА ПРОМОЦИЈАТА НА РЕОБЈАВЕНИТЕ КНИГИ ЗА ВОЗРАСНИ ОД ЛЕГЕНДАРНАТА ПИСАТЕЛКА

    СЕКОЕ ДЕТЕ ТРЕБА ДА ЈА ЗНАЕ ОЛИВЕРА НИКОЛОВА УШТЕ ПРЕД ДА ПОЧНЕ ДА ЧИТА, КАЖАА НА ПРОМОЦИЈАТА НА РЕОБЈАВЕНИТЕ КНИГИ ЗА ВОЗРАСНИ ОД ЛЕГЕНДАРНАТА ПИСАТЕЛКАНиколова од присутните беше опишана како мајка на сите писателки, жива легенда и жив класик и доби стоечки овации (Фото: К. Попов)

    Секое дете треба да го знае името на Оливера Николова уште пред да почне да чита, беше кажано на промоцијата на повторно објавените книги за возрасни од една од најплодните и најзначајни македонски писателки, што се одржа во Националната опера и балет.

    „Алал вера, Оливера!“, кажа писателот Владимир Мартиновски кој заедно со другите 11-мина автори на поговорите говореше на промоцијата.

    Во издание на „Арс Ламина“, колекцијата содржи 12 наслови спакувани во десет тома: „Куклите на Росица“, „Тесна врата“, „Куќичка“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Збогум Вано, Ванке…“, „Пешаци по црни полиња“, „Белиот чад“, како и „Вежби за Ибн Пајко“ во исто издание со „Песот со тажен поглед“ и „Лева комора“ во исто издание со „Кадифената покривка“, за кои поговори напишаа угледни македонски професори и писатели од разни генерации, од Катица Ќулавкова и Јелена Лужина до Гоце Смилевски и Румена Бужаровска. Уредничка на изданието насловено „Подарок за поколенијата“ е Оливера Ќорвезироска.

    Николова со дел од авторите на поговорите за нејзините книги. (Фото: СДК.МК)

    „Има само двајца писатели во Македонија кои непрекинато пишувале 66 години и, за среќа, и двајцата се живи, Оливера Николова и Влада Урошевиќ. Со децении да се твори и создава таква библиографија, не само екстензивно, туку и квалификувана со највисоки вредносни стандарди е проклето тешка работа“, кажа професорката и театролог Јелена Лужина.

    Мајка на сите писателки, жива легенда, жив класик се епитетите со кои присутните ја почестија Николова, а академик Ќулавкова ја опиша како „македонски Вилијам Фокнер“ и пожали што МАНУ не инсистирала повеќе да ја прими во своето членство, и покрај нејзините одбивања.

    „Многу би сакала да верувам дека го заслужувам овој момент. Ова што се случува овде. Верувајте ми, тоа е едно чувство со кое се борам вечерва. Но, знам и дека одговорот треба да се остави на времето. Тоа го знам со сигурност. Ви благодарам што сте тука. Тука сте поради моите книги од кои, некои, сум ги пишувала речиси пред половина век. Благодарам и на повишениот тон на пофалбите во искажувањата со кои бев наградена. Благодарам, посебно, на „Арс Ламина“ која ми овозможи ретка среќа да ги видам моите дела за возрасни заедно, во вакво убаво издание. Гест што, во суштината, претставува можност за преоценка од една нова генерација на она што сум го создала.

    Не можам, притоа, исто така да не речам дека му благодарам и на самото пишување за многу важни заеднички споделувања во мојот живот. Во пишувањето влегов не само млада туку и несвесна за сопствената незрелост. Зоки Поки е плод на мојата невиност – невиност без сознание за стапиците на зборовите – а тоа што следуваше потоа, пишување не само со интуиција и спонтаност туку и со подготовка и со одговорност за тоа што го пренесувам – да кажам тежок збор – ме очовечи. Го прошири и го збогати до невидени размери моето битие, извлекувајќи ги на виделина неговите скриени потенцијали и творечки неспокојства. Пишувањето стана, можам да речам, мој ориентир во животот. И тоа е тежок збор, но кажан со голема одговорност. Ориентир. Тоа ми овозможи да ги запознам луѓето однатре, за да знам како да ги опишам, а притоа, можеби и поважно, како да научам и да живеам со нив во реалноста, како да ги прифатам, да ги оправдам, да ги засакам. Ука што во најраната младост секако ми недостигаше потполно, а која се покажа дека ми е недоволна за личностите за кои пишував и кои морав длабоко да ги запознам пред да пишувам за нив.

    Како за која нова книга се определував, како се ширеше и моето тематско интересирање, така се ширеше и опсегот на моите познавања од животот, неговата многустраност. А потоа и моето однесување меѓу луѓето. Така пополека ја освојував сопствената зрелост, со тоа и сигурноста и дилемите на новата возраст, но и сигурноста меѓу зборовите што ги искажуваат нашите мисли.

    Се разбира, им благодарам и на моите долги години што ми дадоа шанса за поправање на грешките. Тежината на годините, за чудо, умее фиктивното за кое е бескрајно способна, да го насочи и да го оплоди во богати полиња продуктивни во секоја поинаква смисла од појдовната. Многу сакам, гледате, овие зборови да не се однесуваат само за моите дела туку и за мене. И многу сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе“, кажа 86-годишната Николова, добивајќи стоечки овации.

    Колекцијата содржи 12 наслови спакувани во десет тома (Фото: К. Попов)

    Многумина ја истакнаа пионерската улога на Николова, која, одбирајќи да биде писателка, се одважила да „плива во машкиот свет“, како што кажа авторот и издавач Никола Гелевски, но и нејзиното значење за негувањето и градењето на македонскиот јазик.

    „Таа е писателка која умее од јазикот да направи свет“, кажа Ќулавкова.

    Николова има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.

    „Да не пишуваше на јазик со малубројни говорители, Оливера сигурно ќе добиеше Нобелова награда. Знам, сега сигурно во својата скромност велиш, и подобро што е така“, кажа писателката и преведувачка Кица Колбе.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира