СО ПРОГРАМА ВРЕДНА 12 МИЛИОНИ ШВАЈЦАРСКИ ФРАНЦИ ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВА ОД ПОПЛАВИ ПОЛОШКИОТ РЕГИОН

    СО ПРОГРАМА ВРЕДНА 12 МИЛИОНИ ШВАЈЦАРСКИ ФРАНЦИ ЌЕ СЕ ЗАШТИТУВА ОД ПОПЛАВИ ПОЛОШКИОТ РЕГИОНПроектот е поддржан од страна на Владата на Швајцарија, преку Програма за подобрување и отпорност кон поплави во Полошкиот Регион, а се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите нации. (Фото: СДК.МК)

    Со чистење и санација на речното корито во должина од 1,2 километри на Боговињска река во општина Боговиње, почнаа инфраструктурни зафати за контрола и отпорност кон поплавите во Полошкиот Регион. Со програмата ќе бидат опфатени неколку кризни подрачја во Полошкиот Регион кои во минатите години претрпеа огромни штети предизвикани од поплави. Оваа активност е дел од Програмата за подобрување на отпорноста кон поплави во Полог, финансирана од Швајцарската влада, и е со цел за намалување на последиците од идни катастрофи предизвикани од поплави и друг вид катастрофи во Полог.

    „Не можеме да го спречиме доаѓањето на поплавите, но можеме да се подготвиме што подобро за да ги минимизираме штетите. Со помош на донаторите, Министерството за животна средина и Владата прават максимални заложби да им помогнат на општините да ги зајакнат капацитетите за заштита од поплави. Идната недела ќе почнат и градежните работи за спроведување на мерки за структурна и биоинженерска заштита од поплави во село Шипковица во општина Тетово, за кои Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедува кофинансирање од 49% од вкупниот износ“, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

    Овој проект е поддржан од страна на Владата на Швајцарија, преку Програма за подобрување и отпорност кон поплави во Полошкиот Регион, а се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

    „Северна Македонија, слично како и Швајцарија е земја која е изложена на ризици од катастрофи, особено на ризици од поплави. Полошкиот регион, како најизложен во земјата, во минатото се соочи со трагични поплави кои во 2015 година однесоа човечки животи, уништија патна инфраструктура и куќи и имоти. Овие трагични настани ги покажаа слабостите на системот за управување со поплави, неефикасната координација меѓу институциите, несоодветната легислатива и слабиот систем на рано предупредување. За подобрување на овие состојби во 2017 година го почнавме овој проект, со цел да развиеме интегриран систем за управување со поплавите и други катастрофи“, изјави амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман.

    Програмата е вредна 12 милиони швајцарски франци, финансирана е од Швајцарската влада, а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање. Во рамките на овој проектот за прв пат во земјата е создадена мрежа од девет општини, Тетово, Гостивар, Теарце, Боговиње, Врапчиште, Желино, Јегуновце, Маврово-Ростуше и Брвеница кои заеднички работат на изработка на планови за заштита од поплави, меѓуопштинска координација и унапредување на инфраструктурата со цел подобрување на безбедноста, заштита на животите и имотите во случај на идни поплави.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира