Сателитските снимки од Буча снимени пред неколку недели покажуваат тела на цивили на улиците, со што се побиваат тврдењата на руската влада дека сцените од градот во близина на Киев се наместени.
Компанијата „Максар“ објави девет фотографии од Буча снимени на 18, 19 и 31 март и на најмалку четири од нив се гледаат тела на улицата Јаблонска. Градот беше окупиран од руските сили до околу 30 март.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вели дека лешевите се наместени и дека фотографиите што се шират на социјалните мрежи и во западните медиуми ја прикажуваат лажната, украинска верзија на настаните. Русија најави дека на денешната седница на Советот за безбедност на Обединетите нации ќе презентира „емпириски докази“ дека руските сили не убивале цивили во Украина и дека не се вмешани во настаните во Буча.
„Њујорк тајмс“ анализираше фотографии од „Максар“ и ги спореди со видеоснимка од терен што ја прикажува истата сцена, при што ги потврди локациите на телата.
„Нашата анализа ја потврдува и веродостојноста на сателитските снимки“, велат од весникот.
Украинските власти ја обвинија Русија за масакр во Буча и кажаа дека околу 300 жители биле убиени за време на едномесечната окупација. Заменик-градоначалникот на Буча, Тарас Шаправски, изјави дека 50-ина од нив биле егзекутирани од руските трупи.