Вработените во државната управа и судовите ќе протестираат со неработење од 10 до 12 часот во четврток и петок, најавија од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Тие бараат исплата на минимална плата и линeарно зголемување на платите на сите вработени за 2.806 денари.
УПОЗ ги застапува вработени во министерства, агенции, фондови, управи и судови.
„Ќе има прекин на работата. Известени се и Владата и министерства, сите работодавачи. Ги замолувам граѓаните на трпение, не е многу, два часа се, меѓутоа тие два часа можат да пораснат и да бидат осум часа прекин“, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на денешната прес-конференција.
Тој вели дека во 95 проценти од институциите се исплаќа плата под минималната, а во останатите пет проценти, дел не ја подготвуваат платата, а оние што веќе ја исплатиле, направиле грешки и исплатиле само минимална плата без стаж.