Архитектката Искра Јанковска Михајловска и дизајнерката Лидија Георгиева ги здружија своите сили, талент, искуство и знаење во заедничката колекција „Блупринт“ која ја претставија пред јавноста на годинешната Недела на дизајнот во Скопје, а за која велат дека е сензибилен спој на моден дизајн и архитектура. Во интимен универзум на дом, тие сместуваат перници, завеси, ѕидни декорации и мебел со отпечатоци кои се претходно рачно нацртани.
Дизајнерките имаат долгогодишно искуство во визуелните уметности и во архитектурата, богата биографија помеѓу Париз и Скопје, па затоа велат дека нудат зрел естетски израз што произлегува од креативниот разговор помеѓу архитект и моден дизајнер.
„Приказната е раскажана во софистициран стил, со избор на луксузни материјали и рачна изработка“, велат авторките со кои разговаравме на отварањето на дизајнерската манифестација во Јавна соба во Скопје минатата среда.
Искра и Лидија го користат „блупринт“ за име на колекцијата затоа што е звучно само по себе, но и затоа што тоа е техника на репродуцирање цртежи во архитектурата што доживеала бум во 19. век.
„Со нашата колекција сакаме да ја поттикнеме јавноста да ја применува декорацијата во својот ентериер, да има свесност дека со мали зафати може естетски да влијае на својата средина. Тоа се однесува и за индивидуалното домување, но и за компaниите. За секој поединец, па и за група од големо значење е моментот на внесување свежина и промена во секоја животна и работна средина“, велат дизајнерките кои со својата колекција потсетуваат на потребата од естетиката во секојдневниот живот.
Дизајнерките го избрале името на колекцијата „блупринт“ поради техниката на репродуцирање на цртежи во архитектурата што доживеала бум во 19. век (Фото: СДК.МК)
Авторките потенцираат дека купувањето парче мебел и поставувањето на одредено место е само првото, основно ниво на уредување и тоа е најлесно. Со оваа колекција тие сакаат да понудат ентериерни решенија за декорирање на животната и работна средина за, како што велат „подобрување на квалитетот на животот“.
Во колекцијата се поврзани искуствата од модниот дизајн, работата со ткаенини и плетивата по што се познати колекциите на Лидија, и современото, практично ентериeрно уредување што со години го работи Искра. Тие се надеваат дека од оваа соработка ќе излезат модни парчиња кои ќе најдат свое место меѓу домашните дизајнерски брендови, а ќе имаат поширока употребна вредност.
Задоволни се од приемот на новиот бренд „Искра & Лидија“, од интересот и побарувачката од публиката и од понудите што веќе ги добиле за идна соработка од индивидуални брендови и од компании.
Годинешната Недела на дизајнот во Скопје што се одржува во Јавна соба се затвора в недела вечер.