Судијата Софче Гаврилова од Основниот кривичен суд Скопје за случајот измама со „Меѓународен сојуз”, неправосилно го осуди на казна затвор во траење од 9 години затвор шоуменот и бивш сопственик на телевизија Бојан Јовановски-Боки 13.
Всушност сите пет обвинети се прогласени за виновни, само Фросина Ташева-Ременски е ослободена од обвинението.
Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, претседател на невладината организација „Меѓународен сојуз” е осудена на 4 години затвор.
Христина Карајованова Блажевска, асистентка на Јовановски, осудена е на 1 година затвор.
Миле Јовановски, татко на Боки 13, е осуден на условна казна од 2 години затвор ако наредните 5 години не стори друго кривично дело.
Правното лице „Меѓународен сојуз” е осудено на 1 милион денари казна. Судот пресуди и конфискација на имотна корист стекната или употребена за кривично дело.
Јовановски е обвинет за измама и перење пари на милион евра земени од бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски. Ерцеговиќ е обвинета за помагање на Бојан Јовановски во вршење на овие две кривични дела, а Ташева-Ременски е за измама и за помагање на Јовановски. Асистентката на Боки 13 Кристина Блажевска е обвинета за измама, помагање и перење пари. Таткото на Боки 13, Миле Јовановски е обвинет за перење пари и неовластено држење на оружје.
Јовановски веќе има правосилна затворска казна во случајот „Рекет”. Тоа не значи дека би лежел 18 години, во вакви случаи кога и вторава би станала правосилна, ќе му се пресмета воедначена казна.
С. К. ДЕЛЕВСКА