КРЕМЉ ПРИЗНА ДЕКА РУСКАТА ВОЈСКА ИМА ЗНАЧИТЕЛНИ ЗАГУБИ ВО УКРАИНА

    КРЕМЉ ПРИЗНА ДЕКА РУСКАТА ВОЈСКА ИМА ЗНАЧИТЕЛНИ ЗАГУБИ ВО УКРАИНАУништени руски тенкови во Буча (Фото: АП)

    Русија призна дека има значителни воени загуби во Украина, додека инвазијата влезе во 44. ден. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека жртвите се огромна трагедија за Русија, но се надева дека Москва ќе ги оствари своите воени цели во наредните денови.

    Коментарите на Песков уследија откако Русија беше исклучена од Советот за човекови права на Обединетите нации, за што гласаа 93 од 193 членки на Генералното собрание.

    „Да, руските трупи имаат значителни загуби и тоа е голема трагедија за нас“, изјави Песков за „Скај њуз“, демантирајќи дека повлекувањето од Киев е понижување за руската војска.

    „Тоа беше погрешно разбрано. Повлекувањето од киевскиот регион и Чернихив беше чин на добра волја, со цел да се намали тензијата за време на мировните преговори“.

    На 25 март, руското министерство за одбрана соопшти дека 1.351 руски војник загинал во борба, додека Украина вели дека бројката е речиси 19.000. Според проценките на Пентагон и НАТО, досега загинале меѓу 7.000 и 15.000 руски војници.

    „Нашата војска се труди најмногу што може да стави крај на оваа операција. И се надеваме дека во наредните денови, во блиска иднина, ќе ги оствариме нашите цели преку воената операција или низ преговорите“, изјави Песков.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира