Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер изјави дека ја откажал планираната посета на Киев зашто не бил добредојден во Украина. Ова следува откако Володимир Зеленски го критикуваше Штајнмајер за тоа што во минатото се залагаше за повторно зближување на западот со Русија.
„Планирав да го посетам Киев заедно со претседателите на Полска, Естонија, Литванија и Летонија со цел да испратиме силен сигнал на европска солидарност со Украина. Бев подготвен за тоа, но мора да признам, во Киев не ме сакаа“, кажа Штајнмајер при посетата на Варшава.
Весникот „Билд“ претходно објави дека Зеленски го одбил планот за посета на Штајнмајер поради неговите блиски односи со Русија во изминатите години и повеќегодишната поддршка за гасоводот Северен тек 2, преку кој Германија требаше да добива природен гас од Русија.
По руската инвазија на Украина, на социјалните мрежи се проширија стари фотографии на кои што Штајнмајер се гушка со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, по што германскиот претседател покаја за своите некогашни ставови. Тој кажа дека поддршката за Северен тек 2 била грешка.
„Германија беше и останува еден од најпосветените поддржувачи на Украина. Претседателот јасно застана на страната на Украина“, изјави неговиот портпарол.