ВОЕНИОТ РОК ГО ОТСЛУЖИВ БЕЗ ДЕН ОТСУСТВО, ВЕЛИ ПРВИОТ РЕГРУТ НА АРМ, ПАНЧЕ ЈАМАНДИЕВ

    ВОЕНИОТ РОК ГО ОТСЛУЖИВ БЕЗ ДЕН ОТСУСТВО, ВЕЛИ ПРВИОТ РЕГРУТ НА АРМ, ПАНЧЕ ЈАМАНДИЕВЈамандиев беше гостин на прославата 30 години од формирањето на Командата за обука и доктрина на АРМ во Велес (Фото: СДК.МК)

    Командата за обука и доктрина на АРМ, која работи во велешкиот гарнизон „Алексо Демниески-Бауман“, на 15 април одбележа 30 години од формирањето. Тоа е ден кога првиот регрут пристапи во редовите на АРМ, иако велешанецот Панче Јамандиев влегол во касарната во Охрид на 13 април во 15:20 часот. Тој и новите регрути во првите години биле обучувани за граничари.

    „Имам прекрасни сеќавања на април 1992. Резервистите во касарната ме пречекаа, на рамо ме носеа. Имав чест тој ден да ручам и вечерам со тогашниот капетан, а денес пензиониран генерал Рацај и со полковникот Хајба, инаку Словенец“, се присети Јамандиев.

    Со задоволство ја покажува и воената книшка, во која е запишано дека воениот рок го служел од 13 април 1992 до 12 јануари следната година. Додека стигнале првите војнички колеги на 15 април вечерта, тој тренирал местење кревети и постелнина. Пред почетокот на обуката работел и на разгласот и тука, условно кажано, завршиле неговите привилегии како прв војник кој се јавил на отслужување воен рок во АРМ.

    Јамандиев се јавил во гарнизонот во Охрид два дена порано од тоа што пишувало на поканата (Фото: Приватна архива)

    „Обуката која траеше 45 дена ја минав задолжен со рачен фрлач, а потоа добив прекоманда на караулата Преслап, Битолско. Чесно го отслужив долгот кон народот и државата, без ден отсуство. Во тоа време на Балканот вриеше. Беше тоа време кога многу мајки беа завиени во црно, а на север беснееше војна. Средбите со нелегалните минувачи на границата не беа реткост. Караулата беше на патека која се издигаше високо, чиниш до небото. Тука го засакав и шарпланинецот, мој нераздвоен соборец“, вели Јамандиев.

    Такво куче доби пред неколку години од АРМ во спомен на тоа што е нејзиниот прв војник. Има добиено и „Златна значка“ од АРМ.

    Тогаш 21-годишниот Јамандиев се јавил во гарнизонот во Охрид два дена порано од тоа што пишувало на поканата. На прашањето зошто, тој скромно додава „така требало да биде“.

    Командата за обука и доктрина е центар за обука и создавање офицери, подофицери и професионални војници по НАТО стандардите. Низ програмите за обука, покрај регрутите од 1992 до 2006 година, поминаа и се обучуваа 39 генерации млади на доброволно служење воен рок. Освен македонските државјани, тука веќе неколку години се едуцираат и припадници на армиите на Косово, БиХ и Црна Гора. Во рамките на Командата е и воениот полигон Криволак.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира