Судијката Лидија Петровска денеска им забрани влез во судницата на фоторепортерите и снимателите за главната расправа од судењето на поранешниот шеф на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, кој заедно со уште шестмина вработени во УБК се обвинети дека противзаконски запалиле 2.047 службени списи, од кои 22 се однесувале на незаконското прислушување.
Обвинетите не сакаа да бидат фотографирани и снимани, а обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, кое го застапува предметот ѝ ја препуштија одлуката на судијката, која реши да не ги пушти фоторепортерите и снимателите во судницата во Основниот суд Скопје 1.
Судењето по првиот обвинителен акт поднесен од СЈО го води судијката Лидија Петровска, за која СЈО бараше изземање, поради нејзиното споменување во „бомбите“ на опозицијата како „Сваровски судијката“, но Кривичниот суд го одби барањето. Жалбата на СЈО на 7 октомври Апелациониот суд Скопје ја одби со образложение дека нема околности што предизвикуваат сомневање за нејзината непристрасност.
На прес-конференцијата на 15 септември, кога СЈО го објави обвинителниот предлог против седморката од УБК предводена од Грујовски, беше кажано дека незаконски запалената архива била потребна во истрагата за да се открие на кој начин УБК го вршела нелегалното прислушување. Тие се обвинети за фалсификување на службена исправа. За ова кривично дело пропишана е затворска казна до пет години.