Премиерот Димитар Ковачевски денеска ги повика наставниците да се вратат на настава, откако 10 дена учениците не одат на школо. Вели дека може да се најде заедничко решение со Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК), но не ако преговорите се водат со уцени.
„СОНК треба да биде искрен пред членовите дека Владата е подготвена за прегови од прв ден, но преговори преку уцени не се водат. СОНК започна со штрајк пред да измине рокот од 6 месеци за усогласување на платите во јавниот сектор со минималната плата. На вчерашната прес-конференција, претседателот на СОНК Јаким Неделков ги доведе во заблуда наставницте во однос на исплаќањето на плата, тој го цитираше законот, но не беше искрен до крај и не ги кажа до крај сите членови“, рече Ковачевски.
Од СОНК вчера кажаа дека не го прекинуваат штрајкот и не ја прифаќаат понудата од Владата за зголемување на платите на 10 отсто и инсистираат да биде 18 отсто.
Во однос на барањето на администативците за покачување на платите, Ковачевски кажа дека тие мора да понудат подобри услуги на граѓаните од кои се платени и дека ќе се носи ново законско решение.
А. АНТЕВСКА