Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин вчера беше во Киев, заедно со државниот секретар Ентони Блинкен, што беше највисока американска делегација во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари.
Тој кажа дека во главниот град изгледа како работите да се враќаат во нормала.
Според Остин, природата на војната во Украина еволуирала така што на Украина сега и се потребни оружја со долг дострел, како и тенкови. Тој вели дека е тешко за САД да води сметка што се случува со оружјето кога ќе биде пренесено во Украина, бидејќи нема американски војници на терен, но додаде дека зборувал со Украинците оружјето да биде следено најдобро што може.
„Првиот чекор кон победа е да веруваш дека можеш да победиш. Ние веруваме дека можеме да победиме, тие можат да победат ако ја имаат вистинската опрема и вистинската поддршка“, кажа Остин по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Шефот на Пентагон додаде дека Зеленски е благодарен за сè што прави САД, но е сконцентриран на она што му е потребно за да биде успешен во војната.
За време на вчерашната посета, САД соопшти дека е одобрена нова воена помош за Украина, овојпат во вредност од 700 милиони долари.