КИЕВ ГО УРНА ГОЛЕМИОТ СОВЕТСКИ СПОМЕНИК НА РУСКО-УКРАИНСКОТО ПРИЈАТЕЛСТВО

    КИЕВ ГО УРНА ГОЛЕМИОТ СОВЕТСКИ СПОМЕНИК НА РУСКО-УКРАИНСКОТО ПРИЈАТЕЛСТВОГрадските власти кажаа дека споменикот ја изгубил својата смисла по руската инвазија (Фото: АФП)

    Украинските власти денеска го размонтираа големиот споменик во центарот на Киев кој го симболизираше пријателството помеѓу Русија и Украина. Осум метри високата бронзена статуа, која прикажуваше руски и украински работник, беше поставена под огромниот титаниумски Лак на пријателството на народите, подигнат во 1982, во чест на 60-годишнината на Советски Сојуз.

    „Сега гледаме какво е тоа пријателство: уништување украински градови, убивање десетици илјади мирни цивили. Убеден сум дека ваков споменик сега има сосема поинакво значење“, кажа градоначалникот на Киев, Витали Кличко.

    Споменикот беше поставен во 1982 (Фото: АФП)

    Тој додаде дека лакот ќе остане, но ќе биде преименуван во Лак на слободата на украинскиот народ.

    Ова е првиот од 60 слични споменици што ќе бидат отстранети во Киев заради „декомунизација и дерусификација на главниот град“, како што кажаа градските власти.

    „Русите ја уништија нашата врска, го уништија пријателството помеѓу двете држави. Бевме во Советски Сојуз и не сакаме да се враќаме назад. Не сакаме да живееме во држава во која што не се почитуваат човекови права“, кажа Кличко.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира