ОВА Е ГЕНОЦИД И НИШТО ДРУГО, КАЖА ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПРИ ПОСЕТАТА НА БУЧА И ИРПИН

    ОВА Е ГЕНОЦИД И НИШТО ДРУГО, КАЖА ТАЛАТ ЏАФЕРИ ПРИ ПОСЕТАТА НА БУЧА И ИРПИНЏафери даваше изјава пред хангар на аеродромот Хостомел, каде што лежат остатоците од најголемиот авион во светот „Мрија“. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска беше во Буча, Ирпин и Хостомел, предградија на Киев, уништени од руските сили, а потоа ослободени од украинската армија. При посетата, Џафери кажа дека лично ќе се залага сликите од Буча и Ирпин да го добијат вистинското име, а тоа е геноцид и ништо друго.

    Џафери кажа и дека лично ќе се залага македонските институции и граѓаните да ја пружат сета можна поддршка која што ќе стои на располагање заедно со нашите партнери од Европската унија и меѓународната заедница.

    Џафери во Украина допатува со воз преку Полска во раните утрински часови, на покана на претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанчук.

    „Особено ми е задоволство и ја прифатив поканата и лично да ги посетам Буча и Ирпин за лично да ги согледаме последиците од она што е инвазија на Руската федерација врз Украина. Секако, моето присуство е симбол на лична, институционална и поддршка на граѓаните на Северна Македонија за народот на Украина и институциите на Украина. На нас од Западен Балкан ни се свежи сеќавањата од ваквите слики што ги гледавме не подолго од две децении претходно, свеж ни е Речак во Косово, свежа ни е Сребреница во Босна и Херцеговина и секако мислам дека ние најдобро ве разбираме и знаеме што значат овие слики што ги гледаме овде“, изјави Џафери.

    Истовремено, во посета на Украина денеска се и претседателите на парламентите на Романија и Швајцарија.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира