Во јужниот украински град Херсон, кој е под контрола на руските сили, ќе се користи рубља од 1 мај, објави руската државна телевизија „РИА новости“. Заменик-претседателот на воено-цивилната администрација на регионот Кирил Стремусов изјави дека транзицијата ќе трае четири месеци и во тој период ќе се користат и рубља и украинска гривна. Единствената валута во регионот потоа ќе биде рубљата.
„Од 1 мај, преминуваме во зоната на рубљата“, изјави Стремусов.
Херсон беше првиот поголем украински град што Русите го освоија од почетокот на инвазијата на 24 февруари. Оттогаш, во градот често се одржуваат протести против руската окупација, при што руските сили вчера користеле солзавец и шок-бомби за да ги растераат демонстрантите, изјави јавниот обвинител на Украина.
„Им благодарам на сите кои не се откажаа, кои протестираат и ги игнорираат окупаторите“, кажа претседателот Володимир Зеленски.
Киев вели дека Русија планира да спроведе лажен референдум во регионот, со цел прогласување на народна република Херсон, по примерот на Доњецк и Луганск.