РАКОВОДИТЕЛКАТА НА СЕКТОРОТ ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ БАРА ДА Ѝ СЕ ИЗВИНИ АДВОКАТКАТА КОЈА ТВРДИ ДЕКА Ѝ БИЛ ПОБАРАН ПОТКУП

    РАКОВОДИТЕЛКАТА НА СЕКТОРОТ ЗА БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ БАРА ДА Ѝ СЕ ИЗВИНИ АДВОКАТКАТА КОЈА ТВРДИ ДЕКА Ѝ БИЛ ПОБАРАН ПОТКУПМинистерството за правда (Фото: СДК.МК)

    Раководителката на Одделението за бесплатна правна помош (БПП) во Министерството за правда Весна Наковска бара адвокатката која тврди дека раководителка од Министерството за правда, користејќи ја службената положба, побарала од неа да ја застапува бесплатно во личен спор пред суд, да ѝ се извини, демантирајќи дека барала услуга од неа, односно поткуп, по текстот „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“.

    „Сосема се неточни наводите во изјавите на адвокатката Александра Илиева-Милчова. Никогаш не сум побарала да ме застапува од нејзе во некаква постапка пред суд, ниту пак сум ја уценувала. Само културно и имам кажано дека пари за трошоци не може да се исплатат предвремено поради ковид пандемија, бидејќи адвокатката бараше да ѝ се исплатат трошоци пред да добие судска завршница случајот кој го водела како адвокат од бесплатна правна помош затоа што била во криза и било ковид пандемија”, пишува Наковска во дописот до САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Адвокатката Александра Илиева-Милчова сосема оправдано е избришана од регистерот на адвокати за давање бесплатна правна помош при Министерство за правда, затоа е налутена и кажува невистини”, вели раководителката на Одделението за БПП.

    Во продолжение на демантот таа вели:

    „Јас работам 13 години на Законот за бесплатна правна помош од самото негово донесување, како и соработувам со сите адвокати запишани во регистерот, и од никого не сум побарала поткуп, па сигурно нема да побарам и од Александра. Александра Илиева-Милчова е непозната и неистакната во својата кариера и немам намера да се занимавам со нејзините каприци и оговарања”.

    Наковска вели дека ако адвокатката не се извини јавно преку САКАМДАКАЖАМ.МК, ќе постапи согласно одредбите од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, и ќе ја тужи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира