НАТО е подготвено со години да ја поддржува Украина во нејзината војна против Русија и да ѝ помогне да се префрли од советско на модерно западно оружје и системи, кажа генералниот секретар Јенс Столтенберг. Тој се огласи откако Кремљ предупреди дека западната воена поддршка за Украина, вклучувајќи тешко оружје, претставува закана за безбедноста на Европа и провоцира нестабилност.
„Мора да бидеме подготвени на долги патеки. Апсолутно постои можност дека оваа војна ќе трае со месеци и години“, изјави Столтенберг.
Тој додаде дека западот ќе продолжи да врши максимален притисок врз Владимир Путин да стави крај на инвазијата.
„Сојузниците од НАТО се подготвени да обезбедуваат поддршка за Украина долго време и исто така да ѝ помогнат да ја замени старата, советска воена опрема со модерни оружја и системи, кои бараат и повеќе тренинг“, кажа тој.
Најголем дел од тешкото оружје што членките на НАТО го испраќаат во Украина е од советско производство, но тие почнаа да ја снабдуваат и со западни „хаубици“.
Украина почна засилено да бара тешко оружје од западот откако Русија ја префрли својата офанзива во Донбас, каде што теренот е поотворен и порамен и повеќе одговара за тенковски борби отколку областите околу Киев и на северот.