Мобилните телефони на шпанскиот премиер Педро Санчез и на министерката за одбрана Маргарита Роблес биле „нелегално” и „надворешно“ прислушкувани со помош на израелскиот шпионски софтвер „Пегаз”, изјави шефот на владиниот кабинет Феликс Боланос на денешната прес-конференција во Мадрид. Не станува збор за сомнеж, туку за „страшно тешки факти“, кажа Боланос.
„Апсолутно сме сигурни дека станува збор за напад од страна, зашто во Шпанија (…) сите вакви акции се вршат од официјални надлежни служби и со претходна судска дозвола. Во овој случај отсуствуваат двата услови. Затоа, не постои ни минимален сомнеж дека не станува збор за напад од надвор“, рече Боланос.
Мобилниот телефон на премиерот бил цел на шпионска активност двапати во мај 2021, кога е извршена кражба на податоци, а во јуни бил инфициран и мобилниот телефон на министерката за одбрана, при што е одземен „непознат волумен на информации“. Боланос не прецизираше дали шпанските институции располагаат со укажувања кој би можел да стои зад хакирањето на телефоните и дали тоа е вршено од странство.
Израелскиот шпионски софтвер „Пегаз” располага со способност да ги копира податоците од нападнатите мобилни телефони, како и незабележано од кориснсникот да ги вклучува камерата и микрофонот. Според наводи од невладината организација Амнести интернешнел, досега со помош на овој шпионски софтвер веројатно се шпионирани преку 50.000 мобилни телефони во светот.
Шпанската влада и самата е под притисок да објасни зошто мобилните телефони на преку 60 луѓе поврзани со сепаратистичкото движење во регионот на североисточна Каталонија биле заразени со „Пегаз” меѓу 2017 и 2020. Каталонската регионална влада го обвини шпанскиот Национален разузнавачки центар за шпионирање на сепаратистите, ставајќи ги односите со националните власти „во мирување“ додека не е добие целосни објаснувања и одговорните не бидат казнети.