ЃУБРЕТО ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ СОБИРА ПРЕКУ ДЕН НАМЕСТО НАВЕЧЕР

    ЃУБРЕТО ВО ВЕЛЕС ЌЕ СЕ СОБИРА ПРЕКУ ДЕН НАМЕСТО НАВЕЧЕРНоќното собирање на сметот беше воведено  во април 2012 година, по барање на ЈКП „Дервен“, по добрите резултати од  пробно собирање на сметот во централното градско подрачје.(Фото: СДК.МК)

    Собирањето на сметот, наместо во ноќните часови ќе се врши преку ден. Ова беше предлог кој до Советот го достави ЈКП „Дервен“, а беше прифатен со мнозинство гласови.  Но, за барањето имаше долга дискусија дали ова е исправна одлука. Од ЈКП „Дервен“ велат дека побарале измени по утврдени недостатоци на ноќното собирање на ѓубрето од контејнерите.

    „Нема да се исфрли ноќното собирање од централното градско подрачје, туку се воведува само преку ден во другите улици од градот. Лани за штета на возила при ноќното собирање платени се 92 илјади денари.  Во ноќните часови  возилата се паркирани по тесните улици, па мораме да бараме помош од полиција, да ги буди граѓаните да ги поместуваат колите, за да може нашите возила да минат и го соберат сметот.  Дневното собирање ќе се одвива кога граѓаните се на работа или излезени од дома. Сите градови во светот работат со дневно собирање, само во Македонија се собира ноќе. Дури работиме на апликација, која граѓаните ако ја преземат, ќе бидат информирани дека за одредено време, возилото ќе биде пред нивната куќа и тогаш да го фрлал сметот“, кажа директорот на ЈКП „Дервен“ Горан Наунчев.

    Советниците од СДСМ и Левица не го поддржаа овој предлог, сметаат дека сегашниот режим е добар.

    „Со враќањето на дневниот режим на собирање на сметот постојниот сообраќаен хаосот во градот, уште повеќе ќе се зголеми. Во лето на температури од 40 степени ни малку не е пријатно да се собира  дење, ќе мириса сметот“, кажа советничката од СДСМ Пандорка Прличкова.

    По забелешките дека со денското собирање на сметот, ќе го почувствуваат по платата вработените кои ќе останат без додатни финансии  за ноќна смена, директорот Наунчев рече дека е разговарано со вработените и тие биле за денско собирање.

    Ноќното собирање на сметот беше воведено  во април 2012 година, по барање на ЈКП „Дервен“, по добрите резултати од  пробно собирање на сметот во централното градско подрачје. Образложението беше  во пракса  се покажало  дека со оваа  новина се намалува застојот во сообраќајот кој се создавал поради големината на возилото за собирање на смет.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира