1.800 БРИТАНСКИ ПАДОБРАНЦИ ВО МАКЕДОНИЈА ЗА НАТО-ВЕЖБАТА „БРЗ ОДГОВОР 22“

    1.800 БРИТАНСКИ ПАДОБРАНЦИ ВО МАКЕДОНИЈА ЗА НАТО-ВЕЖБАТА „БРЗ ОДГОВОР 22“Логистика за британската војска на Скопскиот аеродром - Фото: Ѓ. Личовски

    1.800 падобранци од 16. воздухопловна јуришна бригада на Обединетото Кралство ќе бидат дел од вежбата „Брз одговор 22“ (Swift Response 22), во која ќе учествуваат војници од осум членки на НАТО., соопшти Британската амбасада во Скопје. Тие ќе спроведуваат обука на четири локации во земјата, што ќе вклучува гаѓање со боева муниција и дневни и ноќни скокови со падобран.

    Во бригадата има падобранци, инженери, артилерија, логистичари, медицински лица, воено разузнавање, специјалисти за комуникации, армиски воздухопловен корпус, кралски воздухопловни сили и механичари и специјалисти за уништување на експлозивни средства.

    Потполковникот Џек Кросли го надгледува движењето на бригадата од Обединетото Кралство кон Северна Македонија.

    „Движењето на речиси 2.000 британски војници и сите возила и опрема што доаѓаат со една бригада низ Европа и во Северна Македонија беше огромна задача, која немаше да можеме да ја направиме толку ефикасно без поддршката на Владата на Северна Македонија и вооружените сили“, изјави Кросли.

    Во последниве години, војниците на бригадата повеќе пати беа распоредени во Авганистан и Ирак, како и за поддршка на цивилните власти во Обединетото Кралство. Тие беа значаен елемент и во обезбедувањето на Олимпијадата 2012 во Лондон.

    Во вежбата што ќе се одржува во следните недели ќе учествуваат 2.700 војници од Албанија, Франција, Грција, Италија, Северна Македонија, Црна Гора, Обединетото Кралство и САД.

    Војниците од НАТО партнерите почнаа да се распоредуваат низ Македонија од  24 март.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира