На армискиот полигон Криволак е во тек воената вежба „Брз одговор 22“ со учество на 4.600 војници, дел од една од најголемите вежби која синхронизирано се изведува на неколку локации во различни земји од НАТО.
Целта на оваа вежба, како што кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска, е развојот на капацитетите на армиските припадници како и етаблирањето на „Криволак“ како тренинг центар со огромен капацитет и можности за извежбување.
„На ваков тип на комплексни вежби кои ги изведуваме заедно со сојузниците ја покажуваме нејзината подготвеност, нивото на интероперабилност, но се разбира и начинот на кој што се соработува со останатите армии во рамките на НАТО алијансата. Вториот аспект кој е значаен за нас како држава, е да ги покажеме капацитетите и способностите на тренинг центарот ‘Криволак’“, рече министерката Петровска.
Таа кажа дека полигонот е од исклучително значење за Армијата, и затоа Министерството за одбрана со поддршка на нашите стратешки партнери, особено, Велика Британија и САД инвестира во негово опремување и модернизација.
Британската амбасадорка Галовеј рече дека оваа вежба ќе ја покаже колективната подготвеност и способност и дека ќе ја прикаже трансатлантската врска која ја направи НАТО – Алијансата најсилната алијанса во модерната историја. Галовеј рече дека Обединетото Кралство во оваа вежба учествува со 1.800 падобранци, за кои рече дека се способни, високо обучени, добро опремени и дека сакаат да извежбуваат на полигонот „Криволак“ кој нуди уникатни услови за вежбање.
Од брифингот министерката Петровска упати и повик до македонските граѓани да го посетат Отворениот ден за воздухоплови, кој ќе се реализира на осми мај, во недела на спортскиот аеродром „Стенковец“, каде ќе бидат прикажани дел од хеликоптерите кои се користат на вежбата, а ќе бидат извршени и прелети на авионите А-10 и Ф-16.
Северна Македонија е домаќин на вежбата „Брз одговор 22“ која се реализира во периодот од 2 до 20 мај. На вежбата учествуваат околу 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија, Грција и Северна Македонија.