КНИГАТА НА БРАНИСЛАВ СВЕТОЗАРЕВИЌ ЗА ПОШТЕНСКАТА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА НАГРАДЕНА НА „ОЛИМПИЈАДАТА ЗА ФИЛАТЕЛИЈА“

    КНИГАТА НА БРАНИСЛАВ СВЕТОЗАРЕВИЌ ЗА ПОШТЕНСКАТА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА НАГРАДЕНА НА „ОЛИМПИЈАДАТА ЗА ФИЛАТЕЛИЈА“Светозаревиќ во својата книга обработува период од 167 години, при што се опфатени 555 пошти во Македонија (Фото: СДК.МК)

    Тетовскиот историчар и филателист д-р Бранислав Светозаревиќ е добитник на две значајни награди од областа на филателијата за неговата книга „Поштенската историја на територијата од Република Македонија 1843-2010 година“. Во книгата се претставени и опишани поштенски жигови кои се користеле на тлото на Македонија во периодот од првиот официјален жиг од 1843, кој се употребувал во битолската пошта, па до 2010. Квалитетот на ова филателистичко дело беше препознато на две светски реномирани филателистички изложби, една во Англија, а втората во Кина, каде што беше наградено со највисоки признанија.

    „На изложбата во Лондон организирана од Светската филателистичка организација настапив за првпат. Да се дојде до оваа изложба воопшто не е лесно и мора да имате да покажете нешто што е навистина вредно и значајно за филателијата, и тоа во светски рамки. Но, бидејќи бев свесен какво дело имав направено, се одлучив директно да учествувам на оваа изложба. Мојата книга беше наградена со Голем позлатен медал. Пристигнатите работи на филателистите од цел свет ги оценуваше меѓународно жири од 81 член. Изложбата се организира еднаш на 10 години некои ја нарекуваат Олимпијада за филателијата“, вели Светозаревиќ.

    На неа, филателистите се претставуваат во повеќе категории, при што посебно внимание ѝ се посветува на филателистичката литература.

    „Создавање литература претставува врв во филателијата. Книгата со која настапив се базира на мојата колекција на поштенски жигови од Македонија, создавана повеќе од 30 години. За разлика од другата филателистичка литература, специфичноста на оваа книга е што ги проучува и поштенските шалтери, бидејќи секој шалтер има посебен жиг. Во книгата е опфатен период од 1843 до 2010 година. Обработка на толку голем период филателистите многу ретко ја прават, бидејќи тоа бара многу работа. Мојата книга обработува период од 167 години, при што се опфатени 555 пошти во Македонија. Ова е највисоката награда што ја добил еден македонски филателист во изминативе 70 години, колку што постои Сојузот на филателистите на Македонија“.

    Втората голема награда која Светозаревиќ ја доби за оваа книга е од филателистичката изложба во Вухан, Кина.

    „Оваа награда ја добив во 2019, само пет месеци пред почетокот на пандемијата токму во овој голем кинески град. Таму добив позлатен медал, што е едно ниво подолу од медалот што го добив во Лондон. Ова е редовна изложба, се организира секоја година“ вели Светозаревиќ.

    Поради овие успеси, но и поради неговата активност во македонската филателија, Сојузот на филателистите на Македонија го назначи Светозаревиќ за комесар, односно селектор на екипата од Македонија која оваа година ќе настапи на Европската филателистичка изложба во Либерец, Чешка.

    „Освен што ќе ја селектирам македонската екипа, на оваа изложба ќе настапам и јас, но не со литература, туку со експонат кој се состои од пет витрини со околу 100 парчиња од историјата за т. н. амбулантна пошта во Македонија. Тоа е еден специфичен вид пошта, која се прегледува и се става жиг во поштенски вагони кои патуваат од еден град до друг и таа порано, кога ги немаше овие брзи начини на транспорт, многу често се користела“.

    Д-р Бранислав Светозаревиќ е автор на 13 книги од областите на историја, архивистика и филателија. Автор е и на 27 самостојни филателистички, фотографски и архивистички изложби, организирани во Македонија, Бугарија, Албанија и Хрватска.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира