Челзи објави дека е постигнат договор од 4,25 милијарди фунти за продажба на клубот на американски конзорциум, предводен од Тод Боли, кој е косопственик на бејзбол тимот Лос Анџелес Доџерс.
Роман Абрамович го стави клубот на продажба набргу по почетокот на руската инвазија на Украина, кога западните земји сè уште немаа воведено санкции против него.
Актуелниот европски првак соопшти дека новите сопственици ќе платат 2,5 милијарди фунти за акциите на клубот. Овие пари ќе бидат уплатени на замрзната банкарска сметка и потоа ќе бидат донирани за хуманитарни цели.
Покрај Боли, инвеститори ќе бидат и американскиот милијардер Марк Волтер и швајцарскиот милијардер Хансјерг Вис. Конзорциумот „Клирлејк капитал“ од Калифорнија, кој ќе биде мнозинскиот сопственик, се согласил да вложи 1,75 милијарди фунти во клубот, што ги вклучува и стадионот, академијата, женската екипа и фондацијата. Се очекува преземањето да биде довршено подоцна овој месец, кога и официјално ќе заврши 19-годишната ера на Абрамович, во текот на која беа освоени 21 трофеј.