В четврток, во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе се оддржи отворена комеморација во чест на Ристо Стефановски, легендарниот театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар кој од основањето 26 години беше директор на Драмски театар. Комеморацијата е закажана за 13.30 часот и е отворена за сите кои сакаат да му оддадат почит.
Стефановски почина на 22 март на 94 години. Роден скопјанец, по завршувањето на театарската школа, студирал и организација на Факултетот за драмски уметности во Белград, а од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Одиграл 14 улоги: од Поцко во „Чорбаџи Теодос“ (1945), преку Зија во „Гоце“ (1951), Тренко во „Македонска крвава свадба“ (1953), Офицер во „Отело“ (1954), Френсис Нерс во „Вештерките од Салем“ (1955), Петров во „Оклопниот воз 14-69“ (1957), до Иван Петрович Восмибратов во „Шума “ (1959).
Стефановски во аналите на Македонскиот народен театар ќе остане засекогаш не само како актер, но и како човек кој го раководеше театарот во неговиот значаен период од 1983 до 1988 година. Беше и директор во Драмски театар – Скопје, во период од од основањето во 1957 до 1983. Дел од историјата на МНТ и воопшто на македонскиот театар е запишана од Стефановски во книгите кои се однесуваат на театарот и кои сведочат за изминатите години.
Минатиот месец, имаше реакции во јавноста за тоа што Драмски театар не најде време и простор за јавно одбележување на ликот и делото на Стефановски, а неговото семејство одби да присуствува на неформалниот настан на 21 април во театарот за спомен на Стефановски и починатите актерки Сабина Ајрула-Тозија, Мајда Тушар и Видосава Грубач.