ВО БРВЕНИЦА СПОМЕНИК НА ПОЛИЦАЕЦОТ ЖАРКО КУЗМАНОВСКИ КОЈ ЗАГИНА ВО АКЦИЈАТА ВО ДИВО НАСЕЉЕ ВО 2015

    ВО БРВЕНИЦА СПОМЕНИК НА ПОЛИЦАЕЦОТ ЖАРКО КУЗМАНОВСКИ КОЈ ЗАГИНА ВО АКЦИЈАТА ВО ДИВО НАСЕЉЕ ВО 2015Спомен-бистата на Кузмановски е во центарот на Брвеница, во меморијалниот комплекс во дворот на црквата „Св. Атанасиј“/ (Фото: СДК.МК)

    Во тетовското село Брвеница подигната е спомен-биста на Жарко Кузмановски, припадник на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при МВР, кој на 9 мај 2015 загина во полициската операција за неутрализирање на терористичката група во кумановската населба Диво Насеље. Спомен-бистата на Кузмановски е поставена во центарот на Брвеница, во меморијалниот комплекс во дворот на црквата „Св. Атанасиј“.

    „Со неговата трагична смрт, како наш бранител, припадник на македонската полиција, Жарко Кузмановски го заслужи своето место меѓу бессмртните, меѓу сите наши херои, кои оставија вечна трага во историјата на нашата татковина, но и аманет за генерациите кои доаѓаат, бидејќи не постои држава во чии темели не се вградени животите на нејзините најхрабри синови. Наша должност и светост е да го чуваме, негуваме и пренесуваме сето она што Жарко, како и сите наши загинати бранители, го оставија зад себе. Денеска исто така треба да се потсетиме и на сите припадници на македонската полиција коишто го вградија животот во темелот на оваа држава, а посебно на сите кои на денешен ден во 2015 година го дадоа животот за слободата на граѓаните на нашата Македонија“, изјави Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

    На комеморативниот собир, присуствуваа припадници на МВР предводени од Министерот Спасовски, припадници на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, претставници од СВР Тетово како и голем број жители на Брвеница.

    Во акцијата во Диво Насеље на 9 и 10 мај 2015 загинаа осум полициски специјалци, а 37 полицајци беа повредени

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира