Северна Кореја воведе строг карантин во целата земја откако го потврди првиот официјален случај на инфекција со ковид-19. Државните медиуми јавија за појава на зараза со омикрон сојот во главниот град Пјонгјанг, но не наведоа колкав е бројот на случаи.
Северна Кореја ги одби сите вакцини и место тоа се обиде да ја контролира пандемијата со затворање на границите и никогаш досега официјално не регистрираше случај.
Државната телевизија објави дека лидерот Ким Џонг-ун ветил дека ќе ја искорени заразата, која што ја нарече „сериозна национална вонредна состојба“.
Но, стратегијата со затворање на границите, уште од јануари 2020 година, исто така го запре дотурот на основни продукти во земјата, предизвикувајќи недостиг на храна и влошување на економската состојба.