Шведска ќе аплицира за членство во НАТО, потврди денеска премиерката Магдалена Андерсон, со што земјата ќе се откаже од воената неутралност по повеќе од 200 години. Ова следува само ден откако и Финска соопшти дека сака да ѝ се придружи на западната воена алијанса.
„Завршуваме една ера и почнуваме нова. Ова е историска промена во безбедносната политика на земјата. Ќе го информираме НАТО дека сакаме да станеме членка на алијансата. На Шведска ѝ требаат формални безбедносни гаранции кои доаѓаат со членството во НАТО“, кажа Андерсон во шведскиот парламент.
Пратениците во огромен број изразија поддршка за членството во НАТО. Од осумте партии, само две помали левичарски партии беа против. И во шведската јавност нагло се зголеми поддршката за НАТО по руската инвазија на Украина на 24 февруари.
Своевремено регионална воена сила, Шведска избегнуваше да влегува во воени сојузи од војните на Наполеон. Како и Финска, и таа остана неутрална за време на Студената војна, но разви поблиски односи со НАТО по распадот на Советски Сојуз.
Кремљ предупреди дека овој потег ќе има дестабилизирачки последици за безбедноста во Европа.