Илон Маск кажа дека неговиот 44 милијарди долари вредниот договор за купување на Твитер не може да се реализира сè додека компанијата јавно не покаже доказ дека помалку од 5% од профилите на платформата се лажни.
Шефот на Твитер, Параг Агравал, ги бранеше проценките на фирмата дека лажните профили сочинуваат помалку од 5% од корисниците. Маск одговори на ова дека Твитер ја потценува вистинската бројка на лажни профили.
Аналитичарите шпекулираа дека Маск бара начини да ја намали цената на зделката, но тој кажа дека тоа не доаѓа предвид.
„20% од профилите би можеле да бидат лажни, четири пати повеќе од она што го тврди Твитер. Мојата понуда се базираше на тоа поднесоците на Твитер да бидат точни. Вчера, извршниот директор на Твитер одби да покаже доказ за тврдењето за 5%. Овој договор не може да се реализира сè додека не видам доказ“, напиша Маск на Твитер.
Агравал вели дека компанијата користи комбинација од јавни и приватни податоци за да проценува колку од профилите се вистински, анализирајќи случајни примероци на секои неколку месеци. Тој додаде дневно се суспендираат околу 500.000 профили.