Килијан Мбапе се согласи да остане во Пари Сен-Жермен, откажувајќи го очекуваниот трансфер во Реал Мадрид, со кого веќе ги имаше договорено финансиските детали. Дваесет и тригодишната француска суперѕвезда потпиша богат тригодишен договор со парижаните, на што шпанската Ла Лига гневно реагираше, опишувајќи го потегот како скандалозен.
Челниците на шпанската фудбалска лига најавија дека ќе поднесат жалба во УЕФА, како и до француските и европските власти.
„Ваков тип на договори е закана за економската одржливост на европскиот фудбал. Ова што ПСЖ го прави е навреда за фудбалот. Го обнови договорот со Мбапе за огромна сума на пари, откако во изминатите сезони оствари загуби од 700 милиони евра и дава 600 милиони евра за плати“, соопшти Ла Лига.
Според еден од најпознатите европски фудбалски новинари Гилем Балаге, ПСЖ бил подготвен да му понуди на Мбапе 150 милиони евра само за потпис на новиот договор.
„Многу сум среќен што останувам во ПСЖ и Франција, земјата во која што сум роден“, кажа Мбапе, кој уште минатиот месец го договорил финансискиот пакет со Реал.