Премиерот Димитар Ковачевски во придружба на ќерката Тамара Ковачевска и владина делегацијата денеска беа примени од Папата Франциск во рамките на дводневна посета во Рим и Ватикан во рамките на традиционалните свечености во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј.
Премиерот имаше тет-а-тет средба со Неговата светост Папата Франциск, по што следуваше приемот на ќерката на претседателот на Владата како и останатите членови на владината делегацијата.
„На аудиенцијата кај Светиот отец Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изрази благодарност за посетата на Папата Франциск на нашата земја во 2019 година која што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска. За време на разговорот на средбата со Папата Франциск беше истакната улогата на Светите браќа Кирил и Методиј кои со својата мисија да го шират христијанството на јазик разбирлив за словенските народи извршија и мисија на поврзување на народите на Европа“, се вели во соопштението од Владата.
Премиерот Ковачевски на Папата Франциск му подари рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски
На средбата била поздравена отпочнатата иницијатива за потпишување на темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.
„На средбата меѓу Премиерот Ковачевски и македонската делегација со Папата Франциск беа споделени пораки за надеж и желба за просперитет во постпандемискиот период, но и во време на справување со најголемата криза досега, истакнувајќи дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи, бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, поддршка за најранливите, еднаквост, толеранција и човечко достоинство“, додаваат од Владата.
Попладнево Ковачевски во Рим треба да се сретне со бугарскиот премиер Кирил Петков.