Велешани кои овие пролетни денови рекреираат во попладневни часови, реагираат дека улицата која минува низ Градски парк, ја користат сопствениците на автомобили иако таа во тој период е забранета . Тоа им ја ограничува слободата но и стравуваат по безбедноста.
„Попладне после 18 часот кога рекреирам, има толку многу возила и мотори, што е невозможно да се спортува. Иако во тој период е забранет сообраќајот, возачите не го почитуваат сообраќајниот знак и режим. Не знам зошто сообраќајната полиција не реагира“, велат рекреативците.
На поставеното прашање до локалната власт, дали има промена на режимот на сообраќај, низ Градски парк, одговорот беше дека е истиот што е донесен во септември 2018 година.
„Нема промена на режим на сообраќај низ Градски парк“, одговорија од локалната власт. За нејзина примена е надлежна сообраќајната полиција при СВР Велес.
Забраната не важи за возилата на брзата помош, пожарната и полиција. Таа за овој период од годината, од мај до август е од 5 до 8 часот наутро и од 18 до 21 часот попладне.
П. ПЕЧКОВ