Заврши реконструкцијата на пистата на Меѓународниот аеродром Скопје. Како што информираа од ТАВ Македонија градежните работи се завршени и од утре од 17 часот летовите се нормализираат односно ќе се одвиваат во текот на целото деноноќие.
„Овој голем инвестициски проект завршува по 62 дена градежни работи за обновување на асфалтот на пистата. Ние во ТАВ сме задоволни и уверени дека успешното завршување на проект од овој вид, за првпат по реконструкцијата на пистата во 1996 година ,ќе обезбеди повисок квалитет на аеродромските услуги“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.
Градежните работи за рехабилитација на пистата на Меѓународниот аеродром Скопје почнаа на 28 март и оттогаш досега распоредот на летови беше изменет односно летовите се одвиваа од 17 часот до 9 часот секој ден, а од 9 часот до 17 часот се работеше на пистата.
Пистата на Меѓународниот аеродром Скопје е долга 2.950 метри и широка 45 метри. Последен пат пистата е реконструирана во 1996, кога аеродромот беше целосно затворен за сообраќај во период од 2,5 месеци, а авиосообраќајот префрлен на охридскиот аеродром.