Дворот на основното училиште „Киро Глигоров“, во скопската населба Капиштец нема да се изнајмува на приватна фирма. Општина Центар по протестите на родителите се премисли и реши да го раскине договорот со приватната фирма.
Од Општина Центар преку соопштение информираа дека фудбалското игралиште во училишниот двор ќе остане во постојната состојба и нема да се дава под закуп.
„Иако постапката за отстапување на фудбалското игралиште од страна на училиштето е целосно законска и преземени се сите неопходни чекори за склучување на договорот, игралиштето нема да се дава под закуп. Мојата идеја е да помогнеме и да најдеме решение за состојбите со зголемените режиски трошоци, но сепак примарен интерес е да овозможиме среќно детство и непречено користење на игралиштето на децата кои посетуваат настава во најубавото училиште во државата“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Пред три недели родителите на децата кои учат во „Киро Глигоров“ протестираа бидејќи игралиштето се дава на стопанисување на приватна фирма, велејќи дека на просторот како и секаде ќе никне кафуле, а децата нема да имаат каде да играат со оглед дека се градат само згради, а никаде нема паркови и игралишта.
Ова беше втор обид да се издаде на приватни фирми единственото школо направено по осамостојувањето на Макеоднија. Првиот обид беше дел од просториите да ги користи приватно средно школо, но и тогаш по пишувањата на медиумите Општина Центар ја повлече одлуката.
А. АНТЕВСКА