ВО ОХРИД ИМА НАД 70 БЕЗДОМНИ КУЧИЊА, ОПШТИНАТА ЗАПОЧНА СО ХУМАН ТРЕТМАН

    ВО ОХРИД ИМА НАД 70 БЕЗДОМНИ КУЧИЊА, ОПШТИНАТА ЗАПОЧНА СО ХУМАН ТРЕТМАНЗаловувањето, кастрирањето, чипирањето и вакцинирањето го врши ветеринарна амбуланта. (Фото: СДК.МК)

    Општина Охрид започна да се справува со кучињата скитници низ градот и досега се мапирани околу 70 бездомни животни кои ќе бидат третирани на хуман начин. Заловувањето, кастрирањето, чипирањето и вакцинирањето го врши ветеринарна амбуланта којашто на тендер ја избра ЈП „Охридски комуналец“, по што повторно се враќаат на заловеното подрачје.

    „Изминатите години се предвидуваше прифатилиштето да биде на локалитетот Мауцхер, но поради административни правни пречки не е возможно добивање дозвола од Агенција за храна и ветеринарство за отворање такво прифатилиште и затоа се објави тендер за хуман третман на кучињата кој подразбира ветеринарни услуги и хуман третман. Целта ни е да го решиме овој горлив проблем на охриѓани“, вели директорот на ЈП „Охридски комуналец“ Саше Најдески.

    Од Општината велат дека ваквиот начин ќе продолжи до изградба на стационар со што трајно ќе се реши овој долгогодишен проблем.

    Бројот на уличните кучиња низ градот од година во година расте, а сè почести се и нападите врз граѓаните. Само изминатата година до ЈП „Охридски комуналец“ пристигнале 29 барања за надомест на штети од каснување на кучиња, а од почетокот на оваа година досега пристигнале три вакви барања.

    Граѓаните неодамна со онлајн петиција побараа од градоначалникот Кирил Пецаков отворање на згрижувалиште за бездомни животни.

    „Охрид, најголемиот туристички центар во Македонија, постојано се соочува со сè повеќе и повеќе бездомни животни, за кои на жалост се грижат само неколку поединци, и се оставени сами на себе едвај да преживуваат и да талкаат низ улиците на градот, оставајќи слика пред туристите на место кое не води никаква грижа за доброто на животните и своите граѓани, а тоа треба да биде примарна должност на општината. Градоначалникот Кирил Пецаков ја има единствената можност да биде првиот градоначалник на Охрид кој конечно ќе го реши овој горлив проблем за доброто на бездомните животни, своите граѓани и туристите“, се вели во дел од петицијата.

    Последните два случаи на каснување од куче скитник по полициската станица во Охрид се пријавени минатиот месец, во кои едно е малолетно лице и една возрасна жена.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира