Новиот Генерален урбанистички план (ГУП) на Скопје нема шанси да биде готов годинава, а мали се шансите да се изработи и да биде донесен и догодина. Генералниот план, според кој сега се планира градот и се изработуваат Деталните урбанистички планови (ДУП), беше донесен во времето на ексградоначалникот Коце Трајановски и е со важност 2012-2022 година. Веќе сме средина на 2022, а новиот ГУП е на почеток.
Урбанисти од неколку скопски општини кои работат во секторите за урбанистичко планирање за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека нема абер од новиот ГУП, кој како што ветуваа и од минатата и од сегашната градска власт, треба да донесе подобро планирање на главниот град и средување на урбанистичкиот хаос.
„И догодина Скопје ќе се планира според стариот ГУП. Законски пречки можеби нема што во 2023 уште ќе немаме нов план за Скопје бидејќи на стариот му истекува важноста, но проблемот е тоа што ќе се планира и гради Скопје според лош план. Дури сега бевме повикани од Град Скопје да доставиме податоци, што значи дека постапката е на самиот почеток. Допрва треба да се снима теренот, па да се изработува планот, а за тоа е потребно време“, велат од секторите за урбанизам во скопските општини.
Директорката на Агенцијата за планирање на просторот која треба да го изработи новиот ГУП, Андријана Андреева, не сакаше да каже кога ќе биде готов новиот план. Ни изјави дека постапките си течат и за сите информации да ги бараме во Град Скопје кои се нарачатели на планот.
Од Град Скопје редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК еден месец не доби информација до каде е постапката за новиот ГУП, кога се очекува да биде готов и какви ќе бидат насоките за идниот развој на градот и ставовите на градоначалничката Данела Арсовска. Прашањата ги испративме на 6 мај и до денеска одговор нема.
Градоначалничката Данела Арсовска во изборната кампања велеше дека кога ќе се изработи новиот Генерален план ќе го даде на увид на граѓаните, па дури откако ќе ги слушне нивното мислење, тој ќе биде донесен.
„Новиот ГУП ќе мапира и ќе креира каква ќе ни биде иднината на нас овде во главниот град, воопшто и во државата, затоа што Скопје е центарот на Македонија и верувам дека треба да биде оставен на сите оние личности кои се експерти од областа затоа што има луѓе кои што можат добро и квалитетно да ја завршат оваа работа. Меѓутоа, уште поважно е тоа што сметам дека Генералниот урбанистички план треба да се отвори за граѓаните. Секој од граѓаните да може да види и да знае што е она кое што се планира да му се направи, да му се изгради или да се креира како решение во неговото маало, да не почнеме да се будиме наутро и да гледаме дека некој на три метри од прозорот ни гради ново здание бетонско и ни гради нова зграда“, говореше Арсовска во изборната кампања.
Ексградоначалникот Петре Шилеговв во октомври 2019 на прес-конференција најави дека Град Скопје ја почнува постапката за носење на новиот ГУП. Тогаш Шилегов кажа дека со новото планирање на главниот град ќе се избрише јужната обиколница на Водно.
„Во текот на изработката на новиот ГУП, верувам дека ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација. За пример ја земам постојната јужна обиколница, која според мое мислење и мислење на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина, имајќи предвид дека за нејзиното пробивање потребно е да се уништи добар дел од зеленилото на Водно“, рече Шилегов на прес-конференцијата во октомври 2019.
Сега сите Детални урбанистички планови се носат врз основа на Генералниот план на Скопје. Градоначалниците на скопските општини при носењето на ДУП-те, маркичките за згради што ги цртаат ги правдааат дека тоа е предвидено со ГУП и дека не може да цртаат зеленило кога со генералниот план се предвидува намена домување.
А. АНТЕВСКА