Бившата германска канцеларка Ангела Меркел ги бранеше своите политики кон Русија и Владимир Путин во нејзиното прво интервју откако ја напушти функцијата. Меркел кажа дека нема за што да се извинува во врска со нејзината реакција на руската анексија на Крим во 2014, кога ги поддржа санкциите и го бранеше своето спротивставување на приемот на Украина во НАТО.
Многумина ја обвинуваат Меркел дека ја направила Германија ранлива со своите односи со Русија, кои се темелеа на бизнис. Меркел беше еден од најголемите поддржувачи на гасоводот Северен тек 2, кој беше изграден додека таа беше канцеларка.
Германија се наоѓа под притисок да воведе нови санкции кон Русија, додека се мачи да ја намали својата зависност од руските енергенси, без да ѝ наштети на сопствената економија.
„Германија и Русија се соседи и не можевме меѓусебно да се игнорираме. Моравме да најдеме начин да коегзистираме, и покрај сите наши разлики. Инвазијата на Украина не само што е неприфатлива, туку е и голема грешка на Русија“, изјави Меркел.
Таа додаде дека Германија имала активна улога во одржувањето на мировните договори од Минск, кои ѝ овозможија на Украина да се развие како нација и да ја засили својата војска.
„Не се обвинувам себеси дека сум можела да сторам повеќе и затоа нема за што да се извинувам“, кажа Меркел.
Вели дека се противела на приемот на Украина во НАТО во 2008 зашто сакала да спречи ескалација со Русија.
„Украина не беше подготвена за НАТО. Тоа не беше Украина што ја знаеме денес. Земјата не беше стабилна и беше оптоварена со корупција“, кажа Меркел, додавајќи дека има огромна почит кон Володимир Зеленски.