ВРАБОТУВАЊЕ ЗА 50 НАЈДОБРИ СТУДЕНТИ ОД МЕДИЦИНСКИТЕ ФАКУЛТЕТИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ САЛИ

    ВРАБОТУВАЊЕ ЗА 50 НАЈДОБРИ СТУДЕНТИ ОД МЕДИЦИНСКИТЕ ФАКУЛТЕТИ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ САЛИМинистерот за здравство Беким Сали на одбележувањето 30 години од Лекарската комора. (Фото: МЗ)

    Нов проект кој предвидува вработување веднаш за 50 студенти од трите медицински факултети кои ќе ги завршат студиите со најдобар просек, најави министерот за здравство Бекир Сали на денешната прослава на 30-годишнината од основањето на Лекарската комора на Македонија.

    „Ќе се унапреди стручното усовршување, се работи на подобрување на безбедноста на работното место. Лекарската комора е наш партнер и нејзиниот придонес е од непроценливо значење. Уверен сум дека таа соработка ќе продолжи со реализација на многу успешни проекти“, рече Сали.

    Првиот претседател на Комората, проф. д-р Алексај Дума, рече дека идејата за формирање на Лекарска комора во 1992 како еснафско здружение не била прифатена од социјалистичката власт и затоа и не бил лесен процесот на нејзино воспоставување.

    „Многу беше тешко да докажеме дека професионалното достоинство и професионалноста нема врска со политиката и политичките интереси и дека интересите на докторите се и интереси на пациентите и борбата за нивното здравје. Комората почна да функционира во темната комора на Институтот за судска медицина, што ја користевме за развивање на фотографии, во само шест квадратни метри, а во почетокот ја финансираа членовите на Извршниот одбор. Се радувам што денеска дојдовме до тука“, рече Дума, потенцирајќи дека лекарите во коронакризата покажаа дека се доследни на Хипократовата заклетва и дека ќе направат сè за пациентите, па макар и на лична штета.

    На настанот беше доделено и највисокото признание на Комората, плакета „Св. Наум Охридски“ која ја доби д-р Весна Марковска, педијатар од Берово. Плакета за најдобар научен труд доби трудот „Мадикаментозно лекување на ковид-19: актуелни сознанија и важечки препораки“, на авторите д-р Миле Босилковски, д-р Марија Димзова, д-р Костадин Попоски, д-р Ане Петрушевска, д-р Маја Марковска-Илиевска и д-р Александар Дервишов. Посебна награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ добија тројцата студенти со најдобар просек од трите медицински факултети во Скопје, Тетово и Штип, Стефан Неделковски, Елизабета Митева и Дрилон Мифтари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира