Градот Скопје в понеделник ќе го објави јавниот повик за субвенции за инвертер клими. Аплицирањето ќе биде онлајн, а средствата што Градот ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.
Согласно условите од јавниот повик, граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. На повикот може да аплицираат лица што набавиле инвертер клима уреди почнувајќи од први јануари и се жители на Град Скопје. Повикот ќе биде отворен до први ноември или до денот на исцрпување на средствата. Јавниот повик ќе се реализира по редослед на аплицирање, односно по дата и време на аплицирање и по испратена потврда за предадена печка.
На јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење без оглед на тоа дали го користат, како и лица кои претходно добиле субвенции за набавка на печки на пелети или инвертери.
Документацијата потребна за онлајн аплицирање ќе биде објавена во понеделник на интернет страната на Град Скопје www.skopje.gov.mk , а аплицирањето ќе се врши преку платформата www.uslugi.skopje.gov.mk , која исто така ќе биде активирана в понеделник.
Во буџетот на Град Скопје за 2022 за оваа намена се предвидени 24 милиони денари односно 390.000 евра.